Власта врши притисок натпреварот против Косово на 26 март по секоја цена да се игра без публика, дознава „Република“.

Притисокот е насочен кон Фудбалската федерација на Македонија која иако е организатор на мечот го нема последниот збор околу присуството на гледачи.

Причина за инсистирањето мечот да се игра без гледачи не е корона вирусот туку стравот од инциденти кои власта никако не ги посакува пред избори бидејќи на 26 март изборната кампања веќе ќе биде започната.

Но, власта сака корона вирусот да го искористи како изговор мечот да го затвори за публика, иако во Македонија нема нови случаи на заразени.

Освен во Италија, фудбалските натпревари во Европа секаде се се играат нормално. Засега нема најави дека било кој мечот од Лигата на нации би можел да се игра без публика, иако и во други земји има заразени.

Не случајно министерот за здравство Филипче викендот суптилно најави можност мечот да се игра без публика, а пак ФФМ беше принудена да објаснува дека во таков случај на оние кои купиле билети парите ќе им бидат вратени.

Сепак конечната одлука ќе ја донесе Управувачкиот комитет и Министерството за здравство

Дополнително, според информациите кои кружат во фудбалските кругови, половина од билетите за мечот кој е распродаден ги имаат купено етнички Албанци но тоа е сосема легитимно ако се знае дека тие беа пуштени во слободна продажба.

Податокот кој купил билети лесно може да се провери бидејќи при купувањето мораше да се покаже документ за идентификација.

Сосема е очекувано овдешните Албанци да навивааат за репрезентацијата на Косово, и во услови кога тие ќе бидат измешани со фановите на македонската репрезентација секако дека се можни инциденти.

Натпреварот Македонија-Косово, кој е меч од висок ризик од почетокот го пратат контроверзи. Најпрво со одлуката мечот да се игра во Скопје наместо во Струмица, како што беше случај кога Македонија играше против Албанија и на тој начин се избегна секаков инцидент.

Натпреварот против Косово е еден од најважните во историјата на македонскиот фудбал.Со победа, Македонија ќе влезе во финалето на својата група во Лигата на нации и ќе биде на еден меч од пласман на Европското првенство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.