Денеска се одиграа натпреварите од 31 коло во Првата македонска лига, од следната сезона во понизок ранг ќе оди најтрофејниот клуб во нашата земја, екипата на Вардар.

За тоа се погрижија играчите на Струга Трим Лум кои минимално со резултат 1:0 триумфираа против скопските „црвено-црни“. Единствениот гол за стружани го реализираше Алтипармаковски во 67 минута од средбата.

Во другите мечеви, новиот шампион Шкендија како гостин во најинтересниот дуел славеше над Македонија ЃП (3:4).

Во првото полувреме за 0:2 се погрижи Ибраими кој двапати се запиша во листата на стрелците, а „лавовите“ од Ѓорче за период од четири минути израмнија преку Фазли и да Силва.

Елези ја враќа предноста на тетовскиот клуб на стартот од вториот дел, за нов егал се погрижи Божиновски (83`), а конечниот епилог го постави Алими (90+1`).

Мируваа мрежите на дуелот Шкупи-Пелистер, а тимот на Академија Пандев со погодоците на Паноски во втората и Крстовски од пенал во 14 минута беше подобар од Беласица во струмичката пресметка.

Со истиот резултат Борец ја совлада Ренова, за „гипсарите“ стрелаа Мишов и Баса, а во последниот натпревар Работнички со 3:1 го надигра Силекс.

Иако кратовци дојдоа први во водство со голот на Штерев, „романтичарите“ го направија пресвртот благодарение на Станковски, Тодоровски и Ѓурѓевиќ.

Табела: Шкендија 74 бодови, Шкупи 58, Струга Трим Лум 54, Македонија ЃП 52, Работнички 47, Пелистер 42, Борец 40, Академија Пандев 38, Силекс 36, Ренова 35, Вардар 31, Беласица 17.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.