Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), повикувајќи се на транспарентност и посветеност кон вистинските фудбалски вредности, го сподели соопштението на ФИФА и УЕФА потпишано од генералните секретари Фатма Самура и Теодор Теодоракис, упатено на 29 јануари до генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

Во соопштението, се повторува силната препорака дека Статутот на Федерацијата не може да се менува пред изборите во највисокот фудбалско тело во државата, како и дека ФИФА и УЕФА ја поддржуваат ФФМ да направи комплетна ревизија откако изборите ќе поминат.

Иако датумот на изборното Собрание се уште не е утврден, веруваме дека истото ќе се одржи навремено и во разумен рок. Целта на ревизијата на Статутот на ФФМ не е само во насока на усогласеност на истиот со Статутите на ФИФА и УЕФА, туку и во насока на усогласеноста со националното законодавство – се вели во соопштението.

Дополнително, ФИФА и УЕФА истакнуваат поддршка за ФФМ во организација на Изборното собрание.

Веруваме дека ФФМ може да организира изборен процес независно и без влијание. Ве молиме да продолжите да не информирате за расплетот по ова прашање, при што остануваме на располагање за натамошни појаснувања, вклучувајќи и директна комуникација со релевантните власти, доколку е тоа потребно – се вели на крајот од соопштението.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, на прес конференцијата одржана на 22 јануари ја информираше јавноста за манипулативно известување со неважечка содржина, споделено од Агенцијата за млади и спорт.

Сејдини таквите постапки ги оцени како политички притисок врз работата на ФФМ и обид да фрли сенка на одличната година која е зад Фудбалската федерација на Македонија, во која беа постигнати големи успеси.

Несогласувањето на релација ФФМ – Агенција за млади и спорт е поради тоа што фудбалската федерација одбива да го промени својот Статут, кој наводно треба да биде усогласен според Законот за спорт.

Сепак, законски на сила е одлука по тужба на ФФМ усвоена од Управниот суд со која се поништува одлуката на Државната комисија за одлучување во втор степен и се оценува дека ФФМ не должна да го промени Статутот.

Но и покрај таквата пресуда на Управниот суд, притисоците од страна на Агенцијата за млади врз ФФМ не запираат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.