Тренерот на премиерлигашот Вест Бромвич Албион, Сем Алардајс, предложи масовен бојкот на социјалните мрежи поради зачестените објави со расистичка содржина.

Алардајс оценува дека масовен бојкот на социјалните мрежи од страна на сите врвни професионални клубови во Англија ќе направи разлика во борбата против расизмот.

Би сакал фудбалските клубови да прават заеднички чекори. Според мене, тоа би бил единствениот начин што би можел да направи разлика – смета Алардајс.

Ваквиот негов коментар доаѓа откако шкотскиот првак Глазгов Ренџерс и англискиот второлигаш Свонси најавија дека ќе ги бојкотираат социјалните мрежи во период од една недела откако неколку играчи од двата тима беа цел на расистички коментари.

Поранешниот француски фудбалски репрезентативец и член на Арсенал, Тјери Анри, минатиот месец ги затвори своите социјални профили реагирајќи дека компаниите што стојат зад социјалните мрежи не прават доволно за да го спречат расистичкото однесување кое редовно за цел ги има фудбалерите со темна боја на кожата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.