Англискиот премиерлигаш Манчестер сити во следните шест недели ќе биде без услугите на Феран Торес. Шпанскиот репрезентативец има мала фрактура на десното стопало, заработена на дуелот против Франција, во финалето на Лигата на нации.

Торес одигра одличен меч во полуфиналето од Лигата на нации, кога ги даде двата гола за Црвената фурија во триумфот од 2:1 против Италија, кога беше избран и за Играч на мечот. Во финалето, Торес се повреди, а лекарските прегледи покажаа дека ќе мора да мирува еден и пол месец.

Од Сити прогнозираат дека Торес ќе пропушти девет натпревари, вклучувајќи го и градското дерби против Манчестер јунајтед. Граѓаните се надеваат дека Шпанецот ќе биде на располагање на тренерот Пеп Гвардиола за дербито од Лигата на шампиони против Пари Сен Жермен, дуел кој ќе се игра на крајот од ноември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.