Бразил има задолжителен 14-дневен карантин за сите што доаѓаат од Велика Британија, Јужна Африка и Индија, па „премиерлигашите“ Ло Селсо, Мартинез, Бундиа и Ромеро не смееле да играат, а во Бразил веќе биле три дена. И Аргентинците без тројца од четворицата во првиот тим не сакаа да продолжат, Бразилците се молеа со здравствените власти, а јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ отсвири предвремен крај.
Сега ФИФА ќе решава за случајот кој само уште тој не беше виден во ова корона-лудило, а првиот човек на аргентинската федерација Клаудио Тапија посочи дека четворица луѓе од бразилската здравствена агенција направиле циркус, иако протоколите за фудбалските мечеви се јасни и усвоени од сите земји.
Бразил беше едно од најголемите жаришта на ковид-19, од оваа земја излезе и „бразилскиот сој“ пред да се појави актуелниот „делта сој“, па од никаде излезе проблемот, иако досега по рестартот на фудбалот и Копа Америка, а и другите турнири во организација на КОНМЕБОЛ се организирале без проблеми.
„Нема тука никакви лаги, зашто има протокол кој се почитува и под кој се играат сите турнири во Јужна Америка. Значи сите здравствени власти во секоја земја го одобрија овој протокол и сите се придржуваат кон него. Арно ама, денеска се случи нешто што е невидено. Срамно и жално. Нешто што е лош имиџ за фудбалот. Дојдоа четворица и го прекинаа мечот, после што КОНМЕБОЛ побара фудбалерите да си заминат во соблекувалната“, рече Тапија.
Според бразилските здравствени власти четворицата Аргентинци не смееле да влезат во земјата, ама наводно „излажале“ дека минатиот викенд не играле и не биле во Велика Британија, ама тие три дена пред мечот сепак влегле во Бразил. Сега останува прашањето, дали е ова реакција откако премиерлигашките гиганти им забранија на деветмина Бразилци да одат со репрезентацијата, само поради фактот што при враќање ќе мораа во карантин на Островот.
И второто нејасно прашање за кое нема одговор, како Бразилците или било која друга земја, очекуваат фудбалерите да одат во изолација, кога за собир на националниот тим се слободни после настапите за своите клубови, а ако одат по таков протокол ќе завршат мечевите на нивните национални тимови.
ФИФА бараше од сите земји и од сите лиги да ги ослободат фудбалерите за мечевите на своите селекции, за да може сите со своите најсилни тимови да се борат за пласман на најголемиот фудбалски турнир.
Преземено од Спорт 1.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.