Трите македонски учесници во новата Конференциска лига на УЕФА, Силекс, Шкупи и Струга Трим Лум, денеска го имаат своето деби во ова европско клупско фудбалско натпреварување.

Ова ќе биде значаен ден особено за Струга, за која ќе биде и прв натпревар во кое било европско натпреварување од формирањето на клубот.

Струга Трим и Лум е формиран во 2015 година. Од тогаш клубот имаше метеорски пробив низ пониските лиги, за во сезоната 2018/2019 да обезбеди промоција и во Првата фудбалска лига, каде што лани заврши на третото место со што избори пласман во Европа.

Стружани ќе го имаат своето европско деби на гостински терен, во Летонија против Лиепаја, во натревар што почнува во 16 часот.

Свое деби, но како второлигаш што ќе игра во Европа, ќе има екипата на Силекс. Кратовци минатата сезона не успеаја да го задржат прволигашкиот статус, но обезбедија место во УЕФА Конференциската лига со освојувањето на националниот Куп.

Силекс игра на домашен терен, поточно во Скопје, на теренот во тренинг центарот на ФФМ. Противник им е Петрокуб од Молдавија, а и оваа средба стартува во 16 часот.

Со почеток од 20 часот, на Националната арена, ќе игра екипата на Шкупи, која е фаворит против Лапи од Косово.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.