Екипите на Силекс и на Струга Трим и Лум одиграа нерешено во своите први натпревари во квалификациите за УЕФА Конференциската лига.

Стружани во драматичен финиш на своето европско деби во клупската историја дојдоа до реми од 1:1 со гол постигнат во третата минута од судиското надополнување. Стрелец беше Бесир Исени, кој со погодокот го анулира водството што домашната Лиепаја од Летонија го имаше од 31 минута.

Со овој резултат, Струга има шанса со триумф во Македонија на 15 јули да се избори и за пласман во второто коло каде што ги чека бугарска ЦСКА Софија.

До нерешен исход, но како домаќин, дојде и екипата на Силекс против молдавски Петрокуб со резултат 1:1. Кратовци поведоа уште во петтата минута со голот на Кристијан Додевски, апетнаесетина минути подоцна имаа можност и да го удвојат водството, но го погодија само дирекот. Молдавците изедначија во четвртата минута од судиското надополнување од првото полувреме по една конфузна и неспретна реакција во петерецот на потесната одбрана на Силекс.

Во вториот дел до израз дојде подобрата подготвеност на молдавските фудбалери, кои се во натпреварувачки ритам со оглед на тоа што првенството во Молдавија е веќе почнато. Тие до крајот на средбата притискаа кон голот на Силекс, но кратовци, предводени од одличниот голман Даниле Божиновски, успеаја да издржат и да ја сочуваат својата мрежа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.