Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, денеска направија увид на завршните градежни активности за изградба на новата трибина на Градскиот стадион „Билјанини извори“.

Изградбата на трибината започна пред околу 17 месеци и досега се финализирани сите поголеми градежни активности на надворешниот дел, поставена е покривната конструкција и поставени се седишта. Во моментот се изведуваат работни активности за уредување на внатрешни простории, кои се предвидени за вакви современи спортски објекти.

Вредноста на вкупната инвестиција изнесува милион евра.

– Ова е заедничка инвестиција на Општина Охрид и ФФМ. Ова е една голема придобивка за нашиот град, за развојот на спортот и обезбедување на посовремени условите за развој на спортски туризам. Во иднина е планирана изградба на уште една ваква трибина на стадионот „Билјанини извори“, рече градоначалникот Георгиески.

Тој потсети дека Општина Охрид постојано инвестира во развојот на спортот, за што потврда се 27,5-те милиони денари од општинскиот буџет предвидени за поддршка на спортските клубови и школи од градот.

Претседателот на ФФМ, Сејдини, најави дека новата трибина се очекува да биде ставена во употреба на 7 септември, кога е закажан фудбалски натпревар меѓу младинските репрезентации до 21 година на Република Македонија и на Република Србија.

Новата трибина на стадионот „Билјанини извори“ има капацитет од 1480 седишта. Во нејзиниот централен дел се сместени ВИП-седишта, коментаторска кабина и простор за медиумски екипи. Согласно проектот, во внатрешноста се уредуваат соблекувални, тоалети и други потребни простории.

Со цел да се подобрат условите на градскиот стадион, деновиве се изведува реконструкција и санација на главниот терен за фудбал, а со помош на ФФМ деновиве беа поставени и нови стативи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.