Сантијаго Солари денеска ја одржа стандардната прес-конференција во пресрет на утрешното големо „Ел Класико“ дерби кое ќе се одигра во рамките на Копа дел Реј, натпревар на кој тимот од шпанската престолнина ќе се обиде да стави крај на доминацијата на Барселона во Купот на кралот.

Каталонскиот гигант има четири последователни титули во најмасовното натпреварување на Пиринеите, а со оглед на тоа што реванш дуелот се игра на „Сантијаго Бернабеу“, повеќе од јасно е дека играчите на Реал ќе имаат голем императив за славје, особено ако се знае дека носат позитивен резултат од „Камп Ноу“ (1-1).

Утре играме едно полуфинале во Купот, а тоа ќе го направиме на домашен терен. Станува збор за втор натпревар, се надевам дека ќе играме добро како на првиот меч. Треба да одиграме како во второто полувреме на „Камп Ноу“, имавме шанси да се вратиме со подобар резултат од оној кој го остваривме. Мора да имаме континуитет во сите 90 минути, знаеме дека овој натпревар секогаш прави цела Шпанија да биде во фокусот на јавноста, истакна Солари кој воопшто не сакаше да открива карти за тоа кои играчи ќе бидат стартери, при што даде и една интересна изјава.

Имаме само еден недопирлив стартер. Тоа се нашите навивачи на „Сантијаго Бернабеу“. Утре ги повикувам да не бодрат во текот на целиот меч и да дојдат во што е можно поголем број, заврши тренерот на Реал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.