Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев објави крај на репрезентативната кариера која ќе заврши по утрешниот последен меч за Македонија на Еуро 2020 против Холандија во Амстердам (18 часот).

Покрај Пандев утре на Јохан Кројф стадионот најверојатно последен меч на клупата на Македонија ќе биде и за селекторот Игор Ангеловски, чиј договор истекува за нешто повеќе од еден месец.

Ангеловски ја водеше репрезентацијата 5 и пол години.

Пандев го направил своето деби за националната репрезентација на Македонија на 21 август 2002 во натпреварот Македонија-Малта 5-0, во кој тој постигнал гол. Со оглед на тоа што е технички најнадарен играч во нашата репрезентација, тој станал капитен и неприкосновен водач, а со 26 постигнати голови е и најдобриот стрелец во историјата на Македонската селекција.

Денешниот тренинг на „Јохан Кројф“ арената беше и последен тренинг за Пандев со соиграчите со кои во изминатте неколку години функционираше како фамилија.

Тие знаеа како да му оддадат почит на капитенот, го фатија и го фрлаа неколку пати во воздух. Пандев беше главен денеска, а се надеваме дека утре со убав резултат ќе му каже збогум на националниот тим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.