Поранешниот холандски репрезентативец и екссоиграч на Пандев во Интер Весли Снајдер смета дека ветеранот во Џенова е „многу потценет“. Некогашниот соиграч на Пандев го опсипа со комплименти капитенот на македонската фудбалска репрезентација во изјава за холандскиот весник „Де телеграф“.

Пандев има фантастична левица и вистински голгетерски инстинкт. Мислам дека е прекрасен фудбалер. Посебен е поради својот преглед на играта, бидејќи секогаш забележува празен простор, кој го користи за да ги испрати своите соиграчи кон голот, го опишува Снајдер предводникот на дебитантот на претстојното Европско првенство и последен противник на неговата Холандија во групата Ц на 21 јуни во Амстердам.

Покрај тоа, тој е и прекрасна личност. Го обожава фудбалот и, според мое мислење, беше многу потценет во текот на целата своја кариера. Тој е навистина немилосрден во казнениот простор, забележува екссоиграчот на Пандев.

Исто така, Снајдер ја предупреди Холандија дека мора да игра внимателно против Македонија.

Знаете сите што ѝ се случи на Германија, мора да влеземе сериозно во мечот, само така може да славиме, вели Снајдер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.