Навивачката група на Вардар – „Комити“ се огласи со соопштение преку својот профил на фејсбук, а во истото стои:
Се огласуваме по повод наближувањето на последниот рок за регулирање на состојбите во ФК Вардар. Состојби кои од една страна можат да значат перспективна иднина со нови можности за Европски настапи и славен крај на сезоната крунисана со титула, тогаш кога сите на почетокот не отпишаа, или пак од друга – враќање на црните денови на неизвесност, тапкајќи во место, затворени во бесперспективност во рамките на нашата скромна лига.
Чесни сме цело време, во свој стил но се трудиме да бидеме додадена вредност во клубот, и на секој начин да помогнеме заедно да бидеме на висините на предизвиците, и повеќе од тоа, но и притоа со нашиот препознатлив темперамент и жестина на трибина на никаков начин не му наштетиме на клубот во кој сме заљубени.
Имаме право да знаеме што се случува во нашиот клуб, но кога ќе прашаме, никој не е доволно компетентен да каже, никој освен едно лице, човекот кој го повикавме самите да влезе во клубот откако покажа дека носи успех и долгорочна стабилност особено во Ракометниот клуб Вардар. И така и беше, до клубот доживеавме да влеземе во групна фаза од официјално Европско натпреварување – Уефа лигата, по славната и неповторлива елиминација на големиот Фенербахче, со победа на жешкиот терен во Истанбул. Со ракометниот клуб доживеавме да подигнеме две Европски Шампионски титули, значи ДВЕ!
Долго имаме моменти на несреденост во Фудбалскиот клуб, и пехови, казни, неможност за играње во Европа, тешко ни падна но не се истрчавме да бидеме критичари плус и капак на ионака лошите ситуации, туку на клубот му подаривме уште повеќе љубов, но и лојалност, бевме и секогаш ќе бидеме спремни да претрпиме удари, доколку е за доброто на клубот. Никогаш нема да го оставиме Вардар без оглед на се ! Па затоа бараме чесност и од човекот од кого зависат нештата, транспарентност од Господинот Сергеј Самсоненко.
До сега нашата верба не беше изневерена, иако се движиме на работ, и иако од таму се демонстрира неизвесност каква не доликува на клуб кој го носи тоа свето име ВАРДАР !Бараме одговор !
Вардар секогаш бил, е, и ќе биде, но дали мислите дека треба повторно да докажуваме дека тоа е така, со евентуалното овојпат долгорочно унаказување на клубот и повторно неиграње во Европа? Ние велиме не !
Бараме позитивен исход !
Постојат луѓе кои го посакуваат тоа несреќно сценарио, но постои голема Црвено – Црна Армија која очекува да се огласите што поскоро, и со позитивни вести
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.