Со емотивно обраќање и насолзени очи, 33-годишниот аргентински напаѓач, Серхио Агуеро, објави предвремен крај на својата фудбалска кариера поради здравствени проблеми.
Одлучив да престанам да играм професионален фудбал. Одлуката ја донесов поради своето здравје, поради проблемите кои ги имав пред месец и половина. Бев во добри раце на лекарскиот тим и тие ме советуваа да престнам да играм фудбал. Одлуката ја донесов пред десетина дена. Направив сè што беше во мој моќ да задржам барем и најмала надеж, но не одеше. Горд сум на мојата кариера и среќен за тоа што го постигнав – изјави Агуеро.
На прес-конференцијата во Барселона, Агуеро беше поридружуван од претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта.
Сакам да им се заблагодарам на сите кои ми помогнаа во Атлетико Мадрид, каде дојдов на 18-годишна возраст, на луѓето во Манчестер сити, кои знаат колку многу ми значат. Дадов сè од себе и одлично бев примен, а им благодарам на сите и во Барселона, кои се неверојатни. Без сомнение се еден од најдобрите клубови во светот. Благодарност и до аргентинската репрезентација, која најмногу ја сакам – додаде Агуеро.
Аргентинецот во летниот преоден рок ја засили Барселона од редовите на Манчестер сити, каде што постигна 184 голови на 275 натпревари во Премиер лигата и стана најдобар клупски стрелец на сите времиња.
Фудбалската кариера на Агуеро траеше 18 години, но завршува предвреме поради неодамнешните компликации и констатираната срцева аритмија поради која го напушти теренот за време на првенствениот натпревар меѓу Барселона и Алавес (1:1).
Аргентинецот првично требаше да паузира од фудбалот три месеци, но набрзо почнаа да пристигнуваат вести дека состојбата со неговото срце е многу посериозна и веќе нема да може активно да игра професионален фудбал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.