Претседателот на Фудбалската федерација Муамед Сејдини го најави предводникот на младата репрезентација Благоја Милевски за иден селектор на сениорската репрезентација, ако ФФМ и Игор Ангеловски не склучат нов договор.

Прво ќе разговараме со Ангеловски, а ако не се согласиме, ќе продолжиме со разговорите. Да не шпекулирам, ама цела јавност знае кој ќе биде селектор, ако не се договориме со Ангеловски, вели Сејдини го гостување на Алсат М.

Изјавата на Сејдини доаѓа многу брзо откако селекторот на младата репрезентација во интервју за ФФМ, објави дека не крие дека сака еден ден да биде селектор на А-тимот, а неговиот договор со ФФМ како предводник на селекцијата до 21 година истекува во февруари.

Јас не кријам, ниту сум криел претходно дека еден ден сакам да сум селектор на А-тимот. Секој тренер во земјава има крајна цел да биде селектор на својата држава. Познавајќи ја визијата на ова раководство на ФФМ, познавајќи ја нивната стручност и професионалност верувам дека како ќе се одвива мојата тренерска кариера, мислам дека ќе донесат правилно решение. Особено што мене ми завршува договорот на крај на февруари. За што понатаму – ќе видиме. Но, ништо не зависи од мене, мое е да си ја работам работата најпрофесионално и најстручно што знам и умеам, а ќе видиме што ќе донесе времето, рече Милевски.

Милевски ѝ го обезбеди првиот настап на ЕП на една македонска селекција кога ја предводеше златната генерација на Евро 2017 во Полска.

Ангеловски беше селектор пет години и со Македонија во ноември обезбеди историски настап на Евро 2021.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.