Потрагата на властите по исчезнатиот авион во кој се наоѓаше и новиот фудбалер на Кардиф, Емилијано Сала, засега не вродува со плод, со што продолжува мистеријата околу околностите под кои овој авион исчезнал од радарите пред да слета на аеродромот во Кардиф. Британските медиуми објавија дека тој остварил првичен контакт со контролата за летање барајќи дозвола за слетување, но потоа му се губи секоја трага.
Во истрагата досега е покриена огромна морска површина, но не се најдени остатоци од авионот.
„За жал, шансите да има преживеани се еднакви речиси на нула. И доколку го преживеале падот, ако паднале во вода, брановите во тој период биле со височина од два метри, а температурата далеку под нулата. Тешко кој би можел да преживее авионски пад во вакви услови“ – соопштија одговорните во потрагата, откривајќи дека истата нема да продолжи во текот на ноќта.
Во меѓувреме, француските медиуми гласно прашуваат како можело да се дозволи авион со еден пропелер да лета на таа дестинација при зимски услови. Имено, Сала уште при вчерашната средба со соиграчите се пожалил на тешкиот лет од Кардиф до Нант, откривајќи дека стравува од летот при враќањето назад во Велс. Дополнително, стигнуваат и информации дека авионот три пати безуспешно се обидувал да полета од аеродромот во Нант за да успее дури во четвртиот обид, нешто што одговорните требало да го забележат и да ја спречат големата трагедија.
Емилијано Сала пред неколку дена го комплетираше транферот од Нант во Кардиф за 15 милиони фунти, станувајќи најскап фудбалер во историјата на велшкиот клуб. Тој доби еден слободен ден за да се поздрави со поранешните соиграчи и денеска требаше да почне да тренира со Кардиф.
извор: ЕКИПА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.