Поранешниот тренер на Јувентус, Маурицио Сари, изјави дека било тешко да се води екипата со Кристијано Роналдо во составот, бидејќи морал да води сметка и за личните интереси на португалскиот репрезентативец.

– Роналдо не е лесно да се тренира, тој е налик на мултинационална компанија, која има свои интереси, а вие морате да ги усогласите со тоа што е најдоброто за клубот, изјави 62-годишниот Сари.

– Популарноста на Роналдо ја надминува важноста на клубот, тој има над 200 милиони следбеници на социјалните мрежи и тоа е проблем на нашето општество. Се повеќе се говори за играчите, а се помалку за клубовите. Од друга страна, секако дека има и многу позитивни работи кога го имате Роналдо во екипата, бидејќи тој носи резултати на теренот, и тоа важни резултати, додаде Сари.

Констатацијата на Сари доби потврда деновиве кога беше објавено дека португалскиот репрезентативец се искачил на врвот според заработката од реклами на неговиот Инстаграм профил, симнувајќи го од водечкото место американскиот актер Двејн Џонсон.

Триесетишестгодишниот Роналдо, кој има 308 милиони следбеници на Инстаграм, може да наплати 1.6 милиони долари за една рекламна објава на својот профил, објави компанијата „Hopper HQ“, која се занимава со маркетинг на социјалните мрежи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.