Едно од најголемите фудбалски имиња во историјата на македонскиот фудбал, Андон Дончевски денеска го прославува својот 86. роденден.

Дончевски е првиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, под чие водство црвено-жолтите дебитираа на меѓународната сцена со триумфот од 4:1 на пријателскиот натпревар против Словенија, на 13 октомври 1991 година во Крањ.

Роден на 19 октомври 1935 година во Кавадарци, својата фудбалска кариера Дончевски ја изгради во најтрофејниот македонски клуб Вардар. За првиот тим на црвено-црните дебитираше во сезоната 1953/54 и дресот на Вардар го носеше во наредните 12 години.

На вкупно одиграни 335 натпревари, од кои 187 првенствени средби, постигна 217 голови, со што е најдобар стрелец во историјата на Вардар.

Во 1961 година беше дел од вардаровиот состав кој го освои Купот на Југославија, додека во сезоната 1986/87 популарниот „чичко Дончо“ ја предводеше од клупата и „златната“ Вардарова генерација до шампионската титула во југословенското првенство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.