Англиската фудбалска федерација (ФА) објави дека се откажува од 2.560 влезници што и следуваат за четвртфиналниот дуел на ЕУРО 2020 против Украина во Рим, и ги повика англиските навивачи да не патуваат во Италија за натпреварот.
Ве молиме да имате предвид дека ФА нема да продаде ниту една влезница преку официјалната агенција за патување на англиски навивачи на натпреварот од четвртфиналето поради ограничувањата (поврзани со Ковид-19), кои се на сила во Италија и Велика Британија – соопштија од ФА.
Натпреварот меѓу Англија и Украина се игра в сабота, а доколку некој англиски навивач сака да ја бодри својата репрезентација од трибините на Олимпискиот стадион во Рим ќе мора да мине петдневен карантин во Италија, а по враќање на британска почва да остане во десетдневна изолација.
ФА, меѓутоа, соопшти дека „се координира со УЕФА и британскиот амбасадор во Италија со цел да се олесни продажбата на што поголем број влезници за британски државјани со престој во Италија“.
Англија вчера пред 40.000 гледачи на „Вембли“ во Лондон ја совлада Германија (2:0) и обезбеди четвртфинална пресметка против Украина в Рим. Во случај на победа, Англија во полуфиналето ќе се врати на „Вембли“ каде ќе игра против победникот од натпреварот меѓу Данска и Чешка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.