Ми недостига македонскиот дрес, тој дрес што најмногу го сакам и ценам и за кој што играв од срце, од љубов… Но, знаеме во Македонија кој и какви луѓе го водат фудбалот. Затоа и сме на ова ниво. Нивното его е поголемо. Жално е што таму се некои луѓе што немаат врска со фудбалот и лечат лични комплекси, обвинува нашиот најпознат фудбалер, Горан Пандев

Не знам баш дали сме на вистинскиот пат, зашто тоа го покажуваат резултатите. Жал ми е, но знам со каков квалитет располагаат фудбалерите во репрезентацијата. И јас најголемата вина за овие резултати ја гледам во претседателот (Муамед Сејдини – н.з.), спортскиот директор (Данчо Масев – н.з.) и селекторот (Благоја Милевски – н.з.). Нарушена е атмосферата зашто селекторот сака да гради имиџ врз фудбалерите со голем стаж во репрезентацијата. Сака да гради имиџ врз еден Аце Трајковски, кого по 20 минути го менува, врз еден Аријан Адеми, Стефан Ристовски, кои срцето и душата ја оставиле за оваа репрезентација. Знам што можат и што им значи националниот дрес, ама некои сакаат преку нив да градат авторитет и тоа е жално. Селекторот, спортскиот директор и претседателот ја растурија најквалитетната репрезентација. Јас сум кажал и стојам на тоа дека ова е најквалитетната репрезентација што Македонија ја имала, но не знам како во иднина ќе опстои – вели Пандев.

Според него Милевски може е роден за младата репрезентација, но не е за А-тимот.

Милевски може да води младински репрезентации, да гради имиџ таму, да има негова кариера. Но, да зборуваш за професионален фудбал, треба да имаш нешто друго, треба да бидеш шмекер, фудбалерите да се чувствуваат слободни и да гинат. Тоа го имавме со Мрме. Имавме хемија, имавме другарство, навистина бевме семејство. Денес тоа го нема и недостига – вели Пандев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.