Во интервју за Студио 10 на ТВ 24, капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев вели дека претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, сакал да го промени селекторот Игор Ангеловски пред дуелите со Грузија и Косово.
Се кроеше некаква политика, да бидам искрен, се кроеше долго време политика околу А-репрезентацијата и селекторот. Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија. Сејдини по натпреварот со Израел од квалификациите за ЕП, каде завршивме трети на табелата, дојде и сакаше да го смени селекторот Ангеловски. По натпреварот со Израел, дојде во хотелот и ми вели: „Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски“. Му одговорив: „Вие сте претседател, вие одлучувате, но според мене не е моментот вие да го правите тоа, сега пред натпреварите со Косово и Грузија“. На крајот, сепак немаше сили да го направи тоа, затоа што цела македонска јавност стои и зад селекторот Ангеловски и зад нас како репрезентација – вели Пандев за „ТВ 24“.
Тој вели дека во раководството на Федерацијата има луѓе што не се разбираат во фудбалот.
Не сакам да навлегувам во тоа дали има политика, оти не разбирам ништо од политика. Но, овие луѓе од раководството на ФФМ, членови на УО кои патуваат со нас како репрезентација, се повеќе од 15 години и јас искрено не знам што направиле тие за мак фудбалот. Тие доаѓаат да се шетаат и да се радуваат кога ќе изгубиме. И потоа да зборуваат, како овие репрезентативците за ништо не ги бидува. Пред мечот со Косово очекував претседателот Сејдини барем да дојде во хотелот, да нè поздрави, да ни посака среќа, но од човек кој никогаш немал фудбалска идеја и не бев изненаден што после натпреварот воопшто не влезе во соблекувална да ни честита. Како и да е, оваа генерација заслужи да ги има најдобрите услови за работа, а сакам да потенцирам дека 90% од репрезентативците не ни знаат кој е претседател на ФФМ кој е потпретседател и кои се луѓето кои патуваат со нас, тоа се анти-фудбал луѓе. Јас со Адеми, со Алиоски, со Барди се слушам секој ден како браќа сме – вели Пандев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.