Веста која челниците на Вардар ја објавија пред пет дена за постетата на претставници од турскиот гигант Бешикташ и за договорената долгогодишна соработка помеѓу двата клуба, која вчера беше демантирана од турскиот тим, за денеска, неочекувано, да биде потврдена, предизвика вистински хаос и низа напади врз луѓето кои сега се грижат на скопскиот фудбалски тим, кој сега игра во Втирата лига.

Поради тоа, од црвено-црниот табор објавија соопштение со кое се обидоа да објаснат што всушност се случило, потенцирајќи дека најголемата вина е кај медиумскиот тим на гигантот од Истанбул.

„Заради недоразбирањата околу соработката со турскиот Бешикташ, должни сме да известиме дека средбата со Бајрам Билим, шефот на скаутската служба на турскиот актуелен првак, беше одржана и воспоставените контакти официјализирани, за можна натамошна соработка. Без оглед на сегашната состојба и позиции, Вардар е македонска фудбалска и спортска гордост, извор на плејада извонредни фудбалери низ изминатите децении, за да може да си дозволи со лажни информации да го привлекува вниманието на јавноста. Објавеното се покажа дека е точно, а демантот за вистинитоста е поткрепен (во желба за оправдување) со контра-демант од таборот на Бешикташ, кој денеска преку својата официјална страна ја потврди средбата и контактите за соработка. Некаде скинатата алка на синџирот на медиумскиот тим на Бешикташ придонесе реакции и во македонските медиуми, создавајки сомнеж во функционалноста на нашите структури. На овој начин фудбалскиот клуб Вардар им се заблагодарува на сите добронамерни, потврдувајки ја зацртаната цел на клубот за враќањето на старите позиции и уште повисоки дострели меѓу кои спаѓаат и ваков вид на официјални соработки со големи европски клубови, каде секако спаѓа и оваа со Бешикташ“, велат од таборот на Вардар.

Целата збрка ја направи вчерашната вест објавена на сајтот на турскиот тим, во која беше потенцирано дека претходно објавеното од вардарци било лага, за на крајот работите да дојдат на свое место, а информацијата за соработката да биде официјализирана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.