Легендарниот хрватски фудбалски тренер Ото Бариќ почина од коронавирус на 87-годишна возраст.

Во последните неколку дена тој имал тешка пневмонија, а според информациите од Хрватска, коронавирусот го докрајчил.

Во својата кариера водеше многу европски клубови, работеше во Хрватска, Австрија, Турција и во два наврати беше селектор на Хрватска.

Во 2004 година тој ја водеше таа репрезентација на Европското првенство во Португалија.

Бариќ ја помина својата играчка кариера во Загреб, ја започна во Металац, каде помина шест години, а потоа беше член на познатата Локомотива пет сезони.

Тој ја започна својата тренерска кариера уште во 1964 година, а потоа стана еден од најдобрите тренери на овие простори.

Ги предводеше, меѓу другото, ЛАСК од Линц, Штурм Грац, Рапид Виена, Штутгарт, Фенербахче … Беше селектор на неколку репрезентации, ја водеше Хрватска во два наврати, беше и селектор на Австрија каде што е роден, а последната работа му беше во 2007 година како селектор на Албанија.

Со репрезентацијата на Југославија ги освои Медитеранските игри во 1979 година, беше шампион на Австрија со Рапид Виена и Салцбург.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.