Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ денеска се извини поради вербалниот инцидент што го предизвика на вчерашниот дуел од ЕУРО2020 против македонската репрезентација, дообјаснувајќи дека неговото однесување било непримерно, но оти „не е расист“.
Арнаутовиќ со својот гол во 89. минута стави печат на вчерашниот триумф на Австрија од 3:1 по што беше снимен од една од камерите крај теренот како со погрдни зборови се обраќа кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски, додека капитенот Давид Алаба се обидуваше да го замолчи својот соиграч цврсто притискајќи го со десната рака во пределот на образите.
На вчерашниот натпревар имаше некои жешки зборови искажани во емоција за кои би сакал да се извинам, особено на моите пријатели од Македонија и Албанија, Би сакал да кажам една работа многу јасно. Не сум расист! Имам пријатели речиси насекаде во светот и се залагам за различности. Секој, кој ме познава е свесен за тоа, напиша Арнаутовиќ на својот Инстаграм профил, завршувајќи го обраќањето со извинување на македонски и на албански јазик.
Претходно, Арнаутовиќ ненајавено се појави на денешната прес – конференција на австриската репрезентација во Букурешт со цел, како што наведе, да дообјасни некои детали поврзани со инцидентот.
Се радував (по постигнувањето на голот) и пристигнаа зборови што ме здоболеа. Беше тоа едноставна, емотивна расправија. На сите, кои се чувствуваат навредени, можам да им кажам дека ми е жал. Дајте да заборавиме, на тоа не му е место во фудбалот, изјави Арнаутовиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.