Историскиот пласман на европското првенство на македонската фудбалска репрезентација, како и долгогодишните успешни настапи на еден од најголемите фудбалски легенди беа повод Агенцијата за млади и спорт да организира прием на Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски.
На средбата со директорот на АМС, Наумче Мојсовски беа искажани импресиите од историскиот настап на нашата репрезентација на Европското првенство.
Европското е голем успех за секоја репрезентација, особена за нашата. И покрај големите остварувања во мојата долгогодишна фудбалска кариера, за мене настапот на европско првенство со мојата репрезентација е моментот кој го чекав сите овие години – истакна Пандев.
Селекторот Ангеловски потенцира дека имал огромна чест да биде прв селектор-предводник на репрезентација која настапува на едно големо натпреварување како што е европското првенство.
Тимот докажа дека кога има слога, има и успех. Без разлика кој од каде доаѓа нашите репрезентативци докажаа дека сплотеноста на тимот е предуслов за тоа што го постигнавме. Покажавме дека сме мала земја со големо срце – истакна Ангеловски.
Директорот Мојсовски на двајцата им додели благодарници за досегашните успеси и за сите позитивни емоции кои ги предизвикаа кај целокупната нација.
Јас доаѓам од спортот и знам како треба да се вреднува спортскиот дух. Мојата цел како директор на Агенција за млади и спорт и на секој еден кој бил дел од спортот да го добие тоа што го заслужува, а за тоа потребна е добра организација, тимска работа и пред се’ чесна трудољубива работа и на самите спортисти, како и на клубовите и федерациите кои ги поддржуваат. Најдобар пример за тоа се капитенот Пандев и селекторот Ангеловски – рече Мојсовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.