Повеќе од 11 илјади луѓе се потпишаа на онлајн петицијата со која се бара повлекување на новите дресови на македонската фудбалска репрезентација, неполни 24 часа откако иницијативата беше покрената во петокот на социјалните мрежи.

Петицијата насловена „Македонија на ЕП во старите дресови!“ осамна на интернет откако ФФМ вчера ги претстави новите дресови за дебитантскиот настап на македонските фудбалери на Еуро 2020, предизвикувајќи бурни реакции во јавноста, која упати остри критики за повлекувањето на традиционалниот црвено-жолт дрес и неговата замена со редизајн во бордо боја.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) засега нема официјална реакција на иницијативата за повлекување на новите дресови во бордо, бело-жолта и црно – портокалова комбинација дизајнирани од германскиот производител на спортска опрема „Јако“

На својот официјален сајт, „Јако“ синоќа објави дека новите македонски дресови веќе можат да се купат во Германија во специјализирани продавници за спортска опрема.

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, кој деновиве треба да му се приклучи на националниот тим на подготовките во Скопје, синоќа на својот Инстаграм профил објави фотографија на која позира со црвено-жолтиот дрес во кој го постигна победоносниот гол против Грузија во баражот за пласман на претстојното Европско првенство.

Вашата поддршка може да ја дадете тука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.