Eдeн од легендите на македонскиот спорт, Драган Мутибариќ (75), незаборавниот голман на Вардар, деновиве се соочува со најтешките моменти во својот живот. Некогашниот репрезентативец и идол на многу генерации неодамна имаше мозочен удар по што остана неподвижен, врзан за постела.
Мутибариќ е загрижен за својата иднина, но и огорчен поради тоа што никој не покаужува интерес за неговата тешка состојба, да му помогне, со совет, со дело, било како. Драган е оставен на грижата на неговата сопруга Милица, без која како што вели би бил изгубен. Сите пријатели кои се нуделе за помош, сега ги нема кога навистина требаат. Драган живее од мала пензија, а трошоците за лекови и за се друго се огромни.
Мутибариќ, како заслужен спортист, седум години по ред аплицирал за еднократна финансиска помош од Агенцијата за млади и спорт, но досега не ја добил. Во овие тешки времиња, тој наскоро по осми пат ќе аплицира. Вели ги собрал сите потребни документи и се надева дека ќе ја добие од државата таа еднократна финансиска помош што му следува како заслужен спортист, а која во оваа ситуација многу би му помогнала. Во меѓувреме се бори со болеста, но оптимизмот го напушта…
Лежам, чекам закрепнување и не знам дали ќе дојде. Проблемот е што имав мозочен удар. Тоа ми се случи пред 15 дена. Ме однесоа во болница, таму лежев 12 дена. Сега сум дома, на закрепнување. Лекарите ме отпуштија и не ми кажаа што треба да правам. Дали треба да одам на некаква рехабилитација? Морам да се консултирам што понатаму.
Неподвижен сум, врзан за постела. Не знам како да планирам евентуална рехабилитација, кога има коронавирус на сите страни. Што е подобро, да добијам коронавирус на 75 години, што би било кобно за мене, или да мирувам вака? Ситуацијата ми е катастрофална. Јас сум оптимист по природа, но доколку ова го пребродам ќе биде чудо. Немоќен сум потполно.
Добра волја покажа само Антонио Филевски (поранешен голман н.з.). Друг никој не се ни јавува. Никој нема интерес за мене. Обично е така, кога имаш неволја. Сите, наводно сакаат да помогнат, ама помош нема од никаде. Оставен сум на вниманието на сопругата Милица која е подвижна и таа се грижи за мене. Пријателите сите откажаа. Кога дојде време да се помогне, нема никој – резигниран е Мутибариќ, кој и покрај минималните примања не сака да апелира до јавноста за помош.
Повеќе на „Слободен печат“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.