Најдобрата македонска фудбалска репрезентација ги започна подготовките за историскиот настап на Европското првенство.

Избраниците на Игор Ангеловски тренираа на тренинг центарот на ФФМ и со тоа ја започнаа операцијата ЕП каде ќе имаме можност да играме во Букурешт и Амстердам и тоа со Австрија, Украина и Холандија. Селекторот Ангеловски засега не може да смета на сите играчи, недостасуваат неколку фудбалери кои дропвра ќе стигнат, а единствената лоша вест е секако позитивниот корона тест на Енис Барди.

Најнапред жалам што овие подготовки кои сите со нетрпение ги очекувавме започнаа со една непријатна вест. И од тука испраќам порака до Енис дека сите членови на А-репрезентацијата стоиме зад него. Најпрво да помине без никакви симптоми и што побргу да го добие тој негативен тест и да ни се приклучи во репрезентацијата.

Се надевам дека ова ќе биде единствената лоша вест во овие подготовки. Што се однесува до останатите сите оние кои беа планирана да пристигнат веќе се тука, а останатите како Адеми, Горан (Пандев) и Столе Димитриевски ќе се приклучат на крајот. Се надевам дека ќе одработиме добри подготовки и спремни ќе отидеме во Букурешт, рече Ангеловски, кој се надева пријателските средби против Словенија и Казахстан ќе бидат доволни за да селекцијата на најдобар можен начин го дочека шампионатот.

Јас од првиот момент кога застанав на оваа позиција кажав дека секој собир е значаен и секој натпревар е значаен кога се игра за репрезентацијата. Така е и сега без разлика што се работи за подготовки за ЕП пристапот мора да биде ист како и досега, ништо поразлично не практикуваме и не сакаме да примениме. Како што беше до сега така ќе се подготвуваме и за ЕП. Тоа се два подготвителни натпревари кои ќе ги искористиме за одредени тактички варијанти. Имам кажано долго време сме заедно добро се познаваме, но и овие натпревари ќе ни помогнат во тоа. Играчите се спремни да го дадат последниот атом од нивните сили, истакна популарниот Мрме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.