Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ги започна подготовките за октомвриските квалификациски натпревари за пласман на Европско првенство 2023. „Црвено-жолтите“ 7 октомври играат против Фарски Острови во Клаксвик, а четири дена подоцна гостуваат во Ереван против Ерменија.

Голманот Давид Денковски, кој беше еден од најдобрите поединци на последниот квалификациски дуел против Србија, очекува две победи.

– Ни претстојат две тешки гостувања против Фарски Острови и Ерменија. Ќе дадеме се од себе за да ја оствариме зацртаната цел, а тоа е освојување на максимални шест бода од двата натпревари. Против Франција и Србија очекувавме повеќе, посебно на резултатски план, но освоивме само еден бод. Се надевам дека сега нема да ги повториме грешките од претходните средби и ќе ги оствариме првите две победи во квалификацискиот циклус. Имаме одличен тимски дух, сите сме подготвени да дадеме се од себе за дресот на Македонија, изјави Деновски за веб-страницата на ФФМ.

Во првите две кола, македонскиот национален тим загуби на гости од фаворитот Франција со 3:0 и одигра нерешено без голови против Србија на домашен терен



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.