Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски после шокантното реми 2-2 на Исланд, откако Македонија прокоцка два гола предност во последните 12 минути од мечот, посочи дека ова реми е неправедно во однос на тоа каков фудбал одиграа црвено-жолтите.

Македонија имаше 2-0 до 78-та минута и Исланд буквално не направи шанса во тој период, а потоа од никаде се врати во мечот и шест минути потоа дојде до израмнување.

„Мислам дека Македонија беше далеку подобра, покажа врвен фудбал цели 75 минути и овој резултат е неправеден, но… Морам да им честитам на фудбалерите на Исланд дека покажаа карактер и не се откажа до крај. Јас морам да бидам задоволен како го одиграа мечот, но не и како го завршивме. Одигравме 70-на минути перфектен фудбал, а головите кои ги примивме беа по наши грешки“, рече Милевски.

Според Милевски примениот гол со кој Исланд се врати во мечот бил психолошкиот момент кој пресуди на крај за прокоцканата победа.

„После тој гол што го примивме по наша вина, психолошкиот момент беше пресуден. Што се случи ќе правиме детална анализа, а јас ќе повторам незаслужено загубивме два бода, но тоа е тоа, фудбалот е таков и одиме понатаму“, додаде Милевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.