ФФМ на 25 јуни соопшти оти Благоја Милевски од денеска (1 август) ќе ја преземе селекторската функција во најдобрата национална селекција. По завршувањето на групната фаза на Европското првенство (три порази од Австрија, Украина и Холандија) Игор Ангеловски донесе одлука да се раздели со македонската А репрезентација, по што веднаш реагираше ФФМ околу неговиот наследник.
Милевски своето деби ќе го има во квалификациите за Светското првенство 2022 Катар, следниот месец, поточно на 2 септември кога во Скопје ќе ја пречекаме Ерменија, па три дена подоцна гостуваме во Рејкјавик кај Исланд, а на 8 септември сме домаќини на Романија.
Милевски кој со поголем дел од сегашните сениори има веќе соработувано во У21 и со учество на Европското првенство 2017 Полска, ќе се обиде да направи уште поголем успех, со пласман на следниот Мундијал. По првите три кола во квалификациската група „Ј“ за пласман на СП води Ерменија со девет бодови, пред Македонија и Германија со по шест, по три имаат Романија и Исланд, без бодови е Лихтенштајн.
Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи – се зборовите на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.