Фудбалската репрезентација на Македонија забележа убедлива победа над Лихтенштајн (0-4) во рамки на квалификациите за Светското првенство. По натпреварот, селекторот Благоја Милевски, кој ја запиша првата победа во сениорскиот тим, ги сподели импресиите.

„Напоменав и претходно, дека максимално сериозно пристапуваме на овој натпревар и не ни беше воопшто важно и не помислував на било кој резултат, туку само трите бода и како ќе се однесуваат моите играчи. Тие ги извршија задачите на најдобар можен начин. Ние сме во фаза на формирање на тим кој ќе биде конкуретен за ЕП 2024. Менуваме физиономија на тимот и овие квалификации ми служат за што подобро воигрување и селекција за она кое сакаме да го оствариме. Дали на крајот ќе бидеме втори, ќе видиме. Во ниту еден момент не стравувавме за резултатот. Фудбалерите одиграа онака како што се бараше за нив, сериозно, со професионален пристап. За тоа сакам да им честитам“, изјави Милевски.

Милевски прокоментира и за мечот со Германија.

„На почеток сме на стил на градење на игра. Играчите го прифаќаат тоа на најдобар можен начин, тоа им лежи. Нема потреба да менуваме нешто драстично, без разлика дали играме со Германија или со некој друг. Да, Германија е суперквалитетна репрезентација со играчи, но ние на последните натпревари покажавме и тоа како сериозен квалитет“, изјави Милевски.

Следен натпревар за Македонија ќе биде на домашен терен. На државниот празник 11 Октомври, нашиот национален тим ќе биде домаќин на Германија, која во оваа рунда со пресврт ја совлада Романија (2-1).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.