Македонската фудбалска репрезентација со неколку промени во стартниот тим, вечерва против Лихтенштајн (20.45 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“ во поход кон првата победа во овој мундијалски циклус.

Ангеловски се одлучи за формација 4-4-2, во која Димитриевски е на голот, централни дефанзивци се Муслиу и Ристевски, а бекови остануваат Ристовски и Алиоски.

Во средниот ред се Спировскки и Барди, а на крилните позиции ќе играат Радески и Елмас, во нападот се Пандев и Трајковски.

Александар Трајковски беше „џокерот“ на Мрме со Романија и со него на теренот брзо израмнивме на 2:2, па токму поради тоа, македонскиот селектор денеска му даде шанса во стартната постава. Фудбалерот на Мајорка ќе му прави друштво на Пандев во нападот, што секако е јасна офанзивна промена во споредба со мечот со Романија кога стартер беше Несторовски.

Интересно, во напаѓачката тројка ќе го гледаме и Марјан Радески, додека во средниот ред Спировски доби шанса пред Николов, а стандардни се Елмас и Барди.

Во дефанзивата, четворката е сочинета од Ристовски, Алиоски, Муслиу и Ристевски, а на голот е Столе Димитриевски.

Противник на Македонија е Лихтенштајн, селекција која е апсолутен аутсајдер во групата, и не би требало да има никакви проблеми во обидот нашата селекција да дојде до трите бода.

„Апсолутно сме фаворити, но тоа треба да го потврдиме на терен. Многу пати сме биле во ситуацијата на фаворити и сме ги решавале ваквите ситуации. Сакам утре да поведеме од првата шанса“, рече селекторот Игор Ангеловски на вчерашната прес-конференција.

Во првиот натпревар од групата, Македонија беше поразена од Романија во Букурешт со 3:2.

После Лихтенштајн, македонскиот национален тим оди на мегдан со фаворитот во групата, селекцијата на Германија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.