Фудбалската репрезентација на Македонија покажа дека е одлично подготвена и расположена за историскиот, прв настап на Европско првенство.
Во генералната проба пред патувањето во Букурешт, нашите фудбалери лесно и убедливо го совладаа Казахстан со резултат 4:0.
Од самиот почеток на мечот покажавме дека сме многу посериозна и поквалитетна селекција. Со мирна и стрплива игра, лесно ја контролиравме топката и случувањата на теренот. Со самото тоа, како одминуваше времето се редеа и шансите за Македонија.
Доминантната игра вроди со плод и донесе водство во првиот дел преку ударот од белата точка што прецизно го реализира Езџан Алиоски. По паузата за полувремето следуваше вистински фестивал од убави акции и шанси за нашите фудбалери. Во нив противничката мрежа ја тресеа Иван Тричковски, Милан Ристовски и Дарко Чурлинов за конечните четири голови предност.
По овој натпревар, следува првиот вистински значаен предизвик за нашите фудбалери – дебито на Европското првенство против Австрија на 13 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.