Иако првично беше одредено дека стартот на македонската фудбалска репрезентација на 25 март ќе биде во Плоешти на гостувањето кај Романија, сепак дуелот од првото коло во мундијалските квалификации ќе се одржи на Националната арена во Букурешт, местото каде црвено-жолтите во јуни ќе дебитираат на Европското првенство низ Европа.
Романската фудбалска федерација го смени планот за мечевите во овие мартовски квалификации, па реши наместо Плоешти да играат во Букурешт поради актуелната корона-криза која владее, па полесно им било за организација и на мечот, но и за организација на „својот меур“ за заштита на националниот тим.
Ова поместување го прифатила Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), како и УЕФА, па така мечот сега ќе се игра на најголемиот романски стадион, кој во јуни ќе биде домаќин на мечевите од Ц-групата, а на него ќе игра Македонија против Австрија во воведното коло на 13 јуни, како и со Украина на 17 јуни.
Македонските фудбалери сега ќе имаат шанса да ја сефтосаат Арената и да се запознаат со неа, пред историското деби на Евро 2021. После мечот со Романците, Македонија ја чека пресметка со аутсајдерот Лихтенштајн на 28 март во Скопје, а на 31 март ѝ гостуваме на Германија во Дуизбург во овој троен мартовски циклус во квалификациите за СП во Катар идната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.