Историскиот меч на Македонија против Косово во баражот за пласман на Евро 2020 закажан за 26 март годинава многу веројатно е да се одигра без гледачи поради заканите од коронавирусот, откако денеска министерот за здравство Венко Флипче објави дека се продолжуваат превентивните мерки за јавни собири и спортски настани без публика засега до 13 март.
Филипче на денешната прес-конференција објави дека по препорака на комисијата за заразни болести и комитетот за следење на состојбите со коронавирусот, добил препорака да се продолжи забраната за спортски настани без гледачи засега за уште една недела и тој истата ќе ја препрати на седница на Владата. Македонија воведе превентивни мерки откако се појави еден случај на коронавирус во земјава за забрана за јавни настани до 6 март, а само мечот Вардар – Монпелје во последното коло од ракометната Лига на шампиони во ЦС „Јане Сандански“ се одржа со публика.
Три недели до историскиот меч веќе се продаваат влезници за мечот закажан за 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“, но министерот објави дека само за еден ден во Европа бројката на заразени се зголемила за 1.000, а денеска во земјава се појавија два сомнителни случаи на коронавирус, кај странци, па хотел во центарот на Скопје е ставен во карантин.
Утрово имавме состанок на комисијата за заразни болести и комитетот кој го формиравме за следење на состојбите околу коронавирусот од страна на стручните лица, експерти и епдемиолозите и беше предложено до мене, а јас тој предлог ќе го доставам до владата, а тоа е препораката да не се одржуваат масовни јавни собири, како и спортските големи натпревари на кои се очекуваат луѓе од странство, да се одржуваат без публика и тоа за уште една недела до 13 март. Оваа мерка доаѓа како резултат на тоа што бројот на лица заболени во Европа континуирано се зголемува. Утрово има преку 4.000 заболени во Европа, за 1.000 повеќе во однос на вчерашниот ден“, рече Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.