Напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски е добитник на наградата „The Best“ („најдобриот“) која Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ја доделува за најдобар фудбалер на светот. Во женска конкуренција за најдобра фудбалерка е прогласена Луси Бронз од редовите на Манчестер сити.

Левандовски во 2020 година освои тројна „круна“, во Германија и Европа, беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите и Бундеслигата. Во конкуренцијата членот на баварскиот гигант полскиот репрезентативец успеа да ги победи Кристијано Роналдо (Јувентус) и Лионел Меси (Барселона).

Годинешната награда добива на значење, имајќи предвид дека „Франс Фудбал“ одлучи да не ја додели „Златната топка“ поради пандемијата на коронавирусот.

– Се чувствувам одлично. Навистина сум горд и среќен. Ова е одличен ден за мене, мојот клуб и моите колеги. Оваа награда им припаѓа на моите соиграчи, тренерот и Баерн. Многу емоции, чувството е неверојатно. Кога освојувате ваква награда и ја делите со Меси и Роналдо, тоа е нешто посебно и многу ми значи. Неодамна, можев само да сонувам за оваа награда, а сега ја освоив. Ова навистина значи дека не е важно од каде доаѓаш, туку колку се трудиш и работиш – рече Левандовски по освојувањето на наградата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.