Германскиот селектор Јоаким Лев очекува победа во првиот меѓусебен дуел со Македонија вечерва од 20:45 часот во Дуизбург, но предупредува дека нема да биде лесно да се оствари тоа, споредувајќи го ривалот со Романија, која неговите избраници ја совладаа со 1:0 во неделата во Букурешт.

„Задолжително мораме да победиме. Македонија има добри фудбалери и е на исто рамниште со Романија. Ќе биде тежок натпревар“, очекува предводникот од клупата на „панцерите“, кој ќе се повлече по претстојното Европско првенство летово.

По две години Марк-Андре тер Штеген одново ќе застане на голот на четирикратниот светски шампион, заменувајќи го капитенот Мануел Нојер, кого Лев реши да го поштеди на овој меч. Во отсуство на Нојер, капитенската лента ќе ја носи халфот Илкај Ѓундоган од Манчестер Сити.

Германија и Ерменија имаат по максимални 6 бода, а зад нив на табелата во групата Ј од квалификациите за Светското првенство 2022 е Македонија со 3.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.