Селекторот на германската фудбалска репрезентација Јоаким Лев ќе може да смета на играчите од англиските клубови за претстојните три натпревари во мундијалските квалификации, вклучувајќи го и мечот против македонскиот состав на 31 март во Дуисбург.

Добрите вести за Лев, како што соопшти Германската фудбалска федерација (DFB) дојдоа откако локалните здравствени институции во Дуисбург се согласија да дозволат влез во Германија на фудбалери од Премиер лигата. За нив ќе важат условите од таканаречените „работни карантини“ кои не им дозволуваат контакт со лица надвор од просторот за тренинг и одигрување на натпреварите.

За влез од Велика Британија на сила е задолжителен двонеделен карантин, мерка со која Германците се обидуваат да го спречат ширењето на британската мутација на Ковид-19, а претходно таа одредба се однесуваше и на професионалните фудбалери.

Согласно дозволата од здравствените власти во Дуисбург, селекторот Лев за квалификациските натпревари во тој град против исландската (25 март) и македонската репрезентација (31 март) ќе може да смета на играчот за врска на Манчестер сити, Илкај Гундоган, голманот на Арсенал, Бернд Лено, како и на тројца фудбалери од редовите на Челзи, Тимо Вернер, Каи Хаверц и Антони Рудигер.

Меѓу двата домашни натпревари, Германија на 28 март ќе и гостува на Романија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.