Селекторот на француската фудбалска репрезентација Дидие Дешамп истакна дека клучен фактор за пресвртот во синоќешното полуфинале против Белгија во Лигата на нации бил силниот карактер на неговите играчи.

– Тие (Белгија) имаа 20 минути одлична игра во првото полувреме и во тој период постигнаа два гола. Победата во ваков натпревар ја покажува силата на карактерот на екипата. Моите играчи никогаш не се откажуваат. Мислам дека на полувремето немаше многу луѓе, кои веруваа дека можеме да успееме, изјави Дешамп.

Белгија поведе со головите на Јаник Караско во 37 минута и Ромелу Лукаку само три минути подоцна, одржувајќи го сигурното водство до 62 минута кога Карим Бензема прво ја преполови нивната предност, а седум минути подоцна Французите го израмнија резултатот преку Килијан Мбапе. Триколорите дојдоа до ретко виден пресврт во судиското продолжение со голот на Тео Хернандез

Противник на Франција во финалето ќе биде Шпанија, која во средата во Милано го совлада домаќинот Италија со 2:1.

Финалето е на програмата в недела на стадионот „Сан Сиро“ во Милано.

– Дојдовме тука за да играме финале и сега ќе се бориме за трофејот. Ќе сториме сè за да го освоиме, најави францускиот селектор



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.