Италијанската Влада дозволи присуство на гледачи на натпреварите на претстојното Европско фудбалско првенство кои ќе се играат на Олимпискиот стадион во Рим, соопшти попладнево Фудбалската федерација на Италија (FIGC).
Римскиот стадион „Олимпико“ може да прими 60.000 гледачи, а за натпреварите на Европското првенство (ЕП) властите дадоа „зелено светло“ за присуство на 15.000 гледачи, или, 25 отсто од капацитетот.
-Оваа владина одлука е прекрасна вест што веднаш ќе ја пренесеме во УЕФА, порача претседателот на FIGC, Габриеле Гравина.
Првиот човек на италијанскиот Национален здравствен совет Франко Локатели вчера порача дека рокот што УЕФА и го постави на официјален Рим да го прецизира бројот на гледачи кои ќе можат да присуствуваат на натпреварите на ЕП е прекраток. Меѓутоа, Италија се најде во ситуација да го прифати условот на УЕФА или да ја загуби организацијата на натпреварите.
Рим е еден од 12-те градови домаќини на ЕП, кое ќе биде отворено на „Олимпико“ на 11 јуни со натпреварот меѓу Италија и Турција. На „Олимпико“ ќе се играат и натпреварите Италија – Швајцарија (16 јуни) и Италија – Велс (20 јуни), како и едно четвртфинале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.