Во глобална операција на Интерпол насочена против илегални обложувања и перење пари за време на одржувањето на ЕУРО 2020 лишени од слобода се 1.400 луѓе и запленети 6.7 милиони евра, соопшти денеска европската криминалистичка полиција со седиште во Лион.

Операцијата под кодно име SOGA (од soccer gambling – спортско обложување) била спроведена во Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Финска, Франција, Германија, Унгарија, Република Ирска, Италија, Полска, Португалија, Русија, Романија, Шпанија, Швајцарија, Велика Британија, Азербејџан, Бахреин, Брунеи, Камбоџа, Кина, Индија, Малезија, Малдиви, Филипини, Сингапур и Виетнам.

На азискиот и европскиот континент, како што е соопштено, биле спроведени повеќе илјади рации во кои се одземени компјутери и мобилни телефони поврзани со околу 394 милиони евра „вложени“ во обложување.

Само во Хонгконг се уапсени 800 лица и запленети се 2.3 милиони евра, додека во Италија биле извршени рации во 283 обложувалници и наплатени казни во висина од вкупно 1.3 милиони евра поради нелегално обложување.

Ова е осмо издание на операцијата SOGA во која досега се лишени од слобода 19.000 луѓе, запленети 83 милиони евра и затворени повеќе од 4.000 обложувалници ширум светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.