Откако селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, официјално соопшти дека по Европското првенство повеќе нема да биде на кормилото на националниот тим, пред раководството на ФФМ стои предизвикот да одберат достојна замена.
Според неофицијалните информации до кои дојде „Република“ од извори во Федерацијата, најголем фаворит за нов селектор е сегашниот предводник на репрезентацијата до 21 година, Благоја Милевски.
Како негов главен адут за селекторската позиција е тоа што токму Милевски ја предводеше оваа генерација фудбалери на европското младинско првенство во 2017 година. Оттаму тој одлично ги познава квалитетите на Елмас, Барди, Велковски, Николов, Муслиу, Зајков, Костадинов … кои беа главни играчи во таа селекција, како што се носители на играта и сега во сениорскиот тим.
Таквата поврзаност и познавање на Милевски со фудбалерите, во ФФМ се гледа како многу позитивно, особено што се наоѓаме среде квалификациски циклус за Мундијалот во Катар 2022 година, односно во момент кога е неопходно продолжување на позитивната инерција на репрезентацијата.
Во тие мундијалски квалификации, следниот предизвик го имаме веќе на почетокот од септември на домашен терен против Ерменија, лидерот во групата во која Македонија го дели второто место со Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.