Една од најнадежните млади фудбалерки во Македонија, Меланија Грозданова, ќе биде дел од младите фудбалски надежи што ќе бидат будно следени од женскиот тим на белградска Црвена звезда.

Меланија веќе неколку години активно тренира фудбал во клубот ФК-Кул од Кисела Вода, а е дел и од репрезентацијата на Македонија за играчи до 15 години, но од неодамна остави силен впечаток на високи претставници на ЖФК Црвена звезда.

Како што пишува „24инфо“, 12-годишната Меланија пред неколку недели беше дел од познатиот камп „Деки 5“ на Златибор во Србија, каде што имаше можност да тренира со свои врсници. Таму Меланија, со нејзиниот неверојатен талент и огромна страст кон фудбалот ги воодушеви претседателката на ЖФК Црвена звезда, Сандра Сремчевиќ и селекторот на првиот тим, Дарко Стојановиќ кои предложиле во иднина да остане под нивното будно око, да присуствува на кампови и турнири организирани од клубот.

Меланија во Златибор и одигра пријателски натпревар за Црвена звезда, при што ги оправда очекувањата на стручниот штаб.

Ова девојче кое има неверојатно топла насмевка и долга руса коса, кога ќе ги облече копачките се претвора во вистински „Роналдо“ на фудбалските терени. Таа секојдневно се посветува на топката и на својот матичен клуб, од каде добива голема поддршка и мотивација полека, но сигурно да стигне до самиот врв. Таа својата енергија, како што вели, ја црпи од своето семејство и од нејзината сестричка, кои се секогаш покрај неа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.