Досегашниот селектор на младата репрезентација Благоја Милевски е нов кормилар на сениорската репрезентација на Македонија, почнувајќи од 1 август, официјално објави денеска Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Милевски седнува на клупата на националниот тим и го наследува Игор Ангеловски, кој после пет и пол години после ова Европско првенство официјално објави дека заминува од селекторската позиција, а договорот му трае до 31 јули и само формално треба да заврши, за Милевски да ја преземе неговата палка во националната репрезентација
Управниот одбор на ФФМ, денеска ја донесе одлуката за Милевски да биде нов македонски селектор, кој о 2017 година играше во младата репрезентација на Еуро 2017 во Полска, а 11 фудбалери од таа генерација сега се дел од најсилната селекција.
„Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи.
Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила.
Македонската А репрезентација ќе ја предводи селекторот Благоја Милевски кој ја создаде златната генерација македонски фудбалери која беше меѓу 12-те најдобри селекции во Европа и фудбалери кои веќе неколку години се дел од нашиот најдобар национален тим.
Веруваме во квалитетите на Благоја Милевски и убедени сме дека ќе продолжи со успех да ја предводи и А репрезентацијата. Уште повеќе затоа што на секоја разумна и личност со вистински вредности му докажа каков човек е и каков тренер е, изјави првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.