За три дена ќе биде одбележана 30-годишницата од хаосот на загрепски „Максимир“ во мечот кој практично го најави распадот на бивша Југославија, а една година подоцна почна крвавата војна во која завојуваните навивачки групи Бед Блу Бојс (Динамо Загреб) односно Делии (Црвена Звезда) се најдоа на еден друг фронт – со пушки во рака едни против други.

Рефик Ахметовиќ е полицаецот кој настрада од кунг-фу ударот на Звонимир Бобан во хаотичните сцени на теренот на „Максимир“ кога Бед Блу Бојс тргнаа во пресметка со белградските хулигани, откако тие претходно имаа свое дивјачко шоу на југот на стадионот. И Ахметовиќ, кој еднаш објави дека можел да го убие Бобан после нападот, сега открива една друга страшна и досега непозната тајна

Јас можев да го убијам Бобан! Ме нападна на работно место. Тренерот Куже го спаси и го одвлечка од мене, а ние сакавме да ја смириме ситуацијата. Бобан беше тој што ги повика Бојси на теренот. Сето тоа беше една голема режија. Јас имав наполнет пиштол и колегите ме наговараа да пукам, ама не сакав. Ако се одиграше мечот – ќе имаше мртви! Кога малку ги стегнавме БББ, кои од северот втрчаа на теренот, ги прашавме што ги натера на вакво невидено дивеење, а тоа што го слушнавме беше невиден шок: ‘Имавме договор да го убиеме Пикси!’. Сите го велеа истото. Како да имаа наредба да го убијат Драган Стојковиќ. Но, брзо после тој хаос дојде до смена на власта, се сменија и полициските управи и никој повеќе не инсистираше да се пронајде тој што наредил да се убие Пикси“, сведочи Ахметовиќ.

Неодиграниот меч ја покажа сета разединетост во политички затегнатата и климава ситуација во Југославија, која потоа само се разгоруваше на национална основа, па една година потоа почнаа воените дејствија и распадот на земјата беше неизбежен. Остана запаметено за светската јавност дека фудбалското дерби само го најави тоа што очигледно беше неизбежно – Југославија да исчезне.

извор: Спорт1



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.