Државниот врв на Австрија свечено го испрати националниот тим на претстојното Европско првенство на кое прв противник во рамки на групата Д ќе им биде македонската фудбалска репрезентација, на 13 јуни во Букурешт.

Шефот на државата, Александер ван дер Белен, им посака на репрезентативците многу успех на Европското првенство, истакнувајќи во својот говор дека Австрија би можела да биде изненадувањето на ЕУРО2020.

На речиси секое Европско првенство постои екипа, која не само што ги исполнува надежите и соништата на фановите, туку и ги надминува – истакна австрискиот претседател, додавајќи, дека не сака тоа да биде притисок врз фудбалерите.

Канцеларот Себастијан Курц изрази задоволство поради одржување на ЕУРО 2020, оценувајќи дека тоа е чекор кон враќање во нормален живот.

Интересно е тврдењето дека одлуката, почнувајќи од 10 јуни да ги релаксираме рестриктивните мерки во Австрија и да им дозволиме на рестораните и баровите да работат до 24 часот, ја донесовме со цел натпреварите од ЕУРО 2020 да можат да се гледаат во друштво. Тоа е нешто што не може да се докаже, но, не може ниту да се негира – изјави австрискиот вицеканцелар и министер за спорт Вернер Коглер.

ЕУРО 2020 официјално ќе биде отворено со мечот во Рим меѓу Италија и Турција на 11 јуни.

Македонија во вторник заминува за Букурешт каде што по премиерниот дуел против Австрија, во вториот натпревар на 17 јуни игра против Австрија, а четири денови подоцна во Амстердам играме против Холандија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.