Легендарниот холандски фудбалер Арјен Робен (37) одлучи да ја заврши својата професионална кариера.

Робен „ги става кошачките на клин“ во дресот на Гронинген, чиј член е од изминатата година, но одигра само седум натпревари поради сериозна повреда.

Драги љубители на фудбалот. Одлучив да ја завршам мојата професионална кариера. Тоа беше тежок избор и сакам да им се заблагодарам на сите што ми дадоа поддршка од дното на моето срце – порача Робен во прошталното писмо.

Робен имаше одлична кариера што можеше да биде и поголема да не беа сериозните повреди кои честопати го оставаа надвор од терените и го натераа да одлучи да ја заврши кариерата во 2019 година.

Една година подоцна одлучи да се врати во Гронингем, тимот за којшто навива од дете. Робен се повреди уште на првиот натпревар и не играше со месеци.

Покрај Гронинген, Робен играше за вистинските великани на европскиот фудбал. Тој дојде во Челзи преку ПСВ, а потоа играше за Реал Мадрид и Баерн Минхен.

Во редовите на баварскиот великан ги постигна најголемите успеси во кариерата. Помина незаборавни десет години во Минхен и освои апсолутно се што можеше.

За репрезентацијата на Холандија настапи 96 пати и постигна 37 погодоци. Дебитираше уште во 2003 година.

Во својата клупска кариера, легендарниот фудбалер одигра вкупно 614 натпревари и постигна 209 голови. Освои бројни трофеи, пред се во Баерн, дури 20.

Тој е еден од ретките играчи кои во кариерата ги освоија трофеите во англискиот, шпанскиот и германскиот шампионат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.