Односот на бројот на заразени од коронавирус и починати од оваа зараза драстично се разликува од земја до земја, но посебно во очи влегува релативно нискиот број на починати во Германија во однос на бројот на заразени, па се поставува прашањето што е причината за тоа.

Да бидам искрен, ние уште знаеме малку за оваа инфекција за да дадеме одговор на тоа прашање”, рекол експертот од СЗО, Ричард Пибоди.

Тој вели дека нискиот број на починати во споредба со бројот на заразени и натаму е мистерија. Смртноста од коронавирус во Италија е 20 пати повисока отколку во Германија.

Пибоди, меѓутоа, одбива директна споредба на овие две земји.

Не можеме да мешаме крушки и јаболки. Рамките во кои се развива епидемијата се разликуваат од земја до земја”, рекол експертот.

Како една од причините за различната смртност, Пибоди го наведува моментот на настапувањето на епидемијата.

Во Италија и во Шпанија епидемијата веројатно почнала порано и се развила побрзо отколку во Германија. Таму првите случаи се појавија многу порано, а не беа откриени и така вирусот незабележително се рашири по населението”, објаснил тој.

Потоа требало време по инфекцијата да се развијат здравствени компликации. Некои пациенти можеби минале седмици на интензивна нега пред некои од нив да починат.

Со оглед на тоа дека многу земји не извршиле доволно тестови, можеме само да ја знаеме просечната старост за оние кои е докажано дека се заразени. Но, може да има и многу млади кај кои постои вирусот, а да не им се појавиле сериозни симптоми.

Просечната старост кај луѓето со коронавирус во Италија е далеку највисока во однос на други земји, вклучувајќи ја и Германија.

Во Германија просечната старост на заразените е 45, а во Италија 63 години”, вели германскиот демограф Андреас Бакхаус.

Бакхаус во статија објавена на сајтот Медиум навел дека ја споредил Јужна Кореја со Италија, споредувајќи ги оние денови кога двете земји имале приближно ист број на случаи.

Во Јужна Кореја речиси 9 проценти до потврдените случаи биле луѓе постари од 70 години, додека такви во Италија имало повеќе од 40 проценти.

На почетокот на оваа седмица 19 проценти од потврдените случаи на зараза во Германија биле постари од 60 години, додека повеќе од половина од заразените биле на возраст меѓу 35 и 59 години.

Податоците за возраста кажуваат многу за тестирањето. Ако во Италија се тестираат повеќе млади луѓе, броевите веројатно би дале друга слика.

Мајкл Рајан, координатор на WHO за помош во кризни случаи, укажува дека голем број на случаи минале под радарот.

Германија е многу агресивна во стратегијата за тестирање, па така може да открива и повеќе благи случаи во вкупниот број на заразени”, вели тој.

Како последен аргумент експертите на WHO ја наведуваат и опременоста на болниците. Тука Германија е во поповолна ситуација од своите ЕУ партнери. Колку болниците се повеќе подготвени за избивање на зараза, толку повеќе животи ќе бидат спасени, вели Рајан.

Три фактори се клучни тука: Бројот на кревети во интензивна нега, дали се располага со доволно заштитна опрема и дали персоналот е обичен за грижа за пациенти на интензивна нега.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.