Завршено е масовното тестирање на текстилните работници во седумте штипски конфекции, сега се чекаат и резултатите од последните земени брисеви, информираат надлежните од Центарот за јавно здравје-Штип. Досега од добиентите резултати нема конфекција во којашто не е откриен по некој случај позитивен на Ковид 19, не само од Штип, туку и жители од Карбинци, Пробиштип и Чешиново-Облешево, кои се вработени во овие конфекции. Подетални анализи од скринингот се очекува да се презентираат во текот на утрешниот ден.

Инаку познати се пет кластери на заразени во Штип, а најголем е познатиот текстилен кластер. Во моментов загрижува и ширењето на вирусот меѓу вработените во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, каде што веќе се потврдени шестмина позитивни на коронавирусот, а останатите вработени се во изолација. Надлежните од Центарот за јавно здравје најавија дека скринингот на вработените во детските градинки во Штип и Карбинци ќе го реализираат во четврток и петок, со ова тестирање ќе бидат опфатени 238 вработени во градинките во овие две општини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.